Sistina Oftalmologija Svjetlost Klinika
Sistina Oftalmologija

Отстранување на диоптрија без ласер - совети

Што се ICL, Verisyse и Veriflex леќи?

ICL, Verisyse и Veriflex се вид на интраокуларни леќи кои се вградуваат во окото (пред или позади зеницата) за корекција на диоптер. Имплантацијата на ICL, Verisyse и Veriflex е алтернатива за ласерско отстранување на диоптер кога пациентот не е соодветен кандидат за ласерска корекција на диоптер во случај на превисок диоптер или претенка рожница. Потребно е да се направи детален преглед за да се утврди дали пациентот кој сака да го отстрани диоптерот, со оглед на бројните вредности и пресметките кои се проверуваат, е кандидат за ласерска корекција или за вградување на леќи.

Како изгледа вградување на интраокуларни леќи? Оперативниот зафат најчесто се изведува во локална потенцирана анестезија (поради потребното мирување на пациентот во текот на постапката). Преку мал рез на работ на рожницата, леќата се внесува во окото и со посебни инструменти на своите два краја нежно се прицврстува за шареницата пред зеницата (Verisyse или Veriflex) или позади зеницата (ICL). Така леќата е цврсто наместена на соодветната позиција. На местото на резот во случај на Verisyse леќа се поставува еден шав (сместен под горниот капак) кој најчесто се отстранува за околу еден месец по операцијата, додека во случај на ICL или Veriflex леќи не се поставуваат шавови. Пациентот по операцијата многу брзо се буди и пожелно е да остане во болница до наредниот ден наутро по првата контрола.

Што се случува ако вградам интраокуларна леќа, а имам астигматизам?

Астигматизмот е неправилна закривеност на рожницата која се коригира со цилиндричен диоптер. Со вградување на торични ICL (ICL со цилиндрична компонента) можно е да се коригира астигматизмот, на тој начин пациентот во целост ќе се ослободи од помагала и во тој случај нема потреба за дополнителен зафат. Со вградување на Verisyse и Veriflex интраокуларна леќа не се коригира астигматизмот и во случај астигматизмот да постои по закрепнувањето од вградувањето на леќата, може да се коригира на повеќе начини со цел постигнување на што подобар вид. Првиот начин е да се препишат очила за корекција на астигматизам; друг случај е астигматизмот да се коригира ласерски, но дури 6 месеци по вградување на леќата. Во голем број случаи астигматизмот се намалува во текот на закрепнувањето од вградувањето на леќа поради динамиката на рожницата во текот на зараснувањето на резот.

Дали ќе имам потреба од очила за читање по вградување на интраокуларни леќи? Не. Со вградување на леќа само се коригира диоптерот, а акомодацијата во окото останува зачувана. Тоа значи дека нашата природна леќа со нормална сила на акомодација се прилагодува и фокусира за добар вид за близу.

Што ако добијам некоја друга болест на окото во текот на животот, а имам вградено леќа?

Вградување на леќи во предната комора е реверзибилна (повратна) постапка. Со појава на катаракта (заматување на нашата природна леќа), интраокуларната леќа многу лесно се отстранува од окото и продолжува операцијата на катаракта по вообичаена метода на ултразвучна операција на катаракта. Во случај на удар, траума, глауком или некоја друга состојба на окото, исто така, се отстранува леќата и се применува соодветна постапка.

Кои се компликации кај вградување на леќа? Секој хируршки зафат носи одреден ризик од компликации. На прво место треба да се истакне ризикот од инфекција, како и кај сите операции, но тој е навистина бројно занемарлив во нашата клиника, благодарение на големото искуство на операторите и стандардите за чистота и стерилност во операционите сали. Можна е појава на минливо зголемување на интраокуларниот притисок во закрепнувањето непосредно по операцијата (најчесто првите 2 недели), додека не се воспостави нова динамика на циркулација на очната вода. Важно е да се напомене дека нема ризик од трајно губење на видот при операција за вградување на леќи, дека евентуалните постоперативни компликации се благи и дека може да се отстранат без било какви трајни последици по видот.

Што ако по вградувањето на леќата ми се зголеми диоптерот? Кај одреден број пациенти со вградени леќи е можна промена на диоптерот (во 2 до 5 %). Ако диоптерот се промени, може да се направи ласерска корекција на диоптерот или таа разлика да се коригира со очила. Вградувањето на леќи е реверзибилна постапка и може во случај на големи промени на диоптерот да се замени леќата за соодветна појака.

На што треба да внимавам по операцијата?

Пациентот да биде предупреден на сите ограничувања во предоперативната подготовка, односно на визитата наутро по операцијата. Потребно е да се придржува кон упатствата за користење на задолжителна терапија. Оперираното око не смее да се мие и да се следи барем 7 дена по операцијата, бидејќи во водата од водоводот понекогаш има нечистотии и микроорганизми, а на окото има свежа хируршка рана. Ако е потребно, окото може нежно да се плакне со вештачки солзи или со физиолошки раствор. Окото не смее да се трие ниту допира со рацете. Првите седум до десет дена да се заштити окото со темни очила при излегување надвор, да се избегнува ветер, чад, прашина, пареа од готвење, пареа од средства за чистење. Се препорачува да не се дигаат потешки товари, да не бидете долго во наведната положба, да избегнувате потешки телесни вежби, да избегнувате базени, бањи, сауни, а сè тоа во првиот месец дена по зафатот. После првиот месец нема никакви ограничувања.